Јајцата се незаменлив извор на протеини, а содржат и витамини и минерали. Достапни за сите преку целата година, тие се толку лесни за приготвување и исто толку вкусни и корисни. Јајцата се совршена храна за балансирана и здрава диета.

Белката на јајцето е составена од околу 85-90% вода, 10-12% белковини и под 1% јаглехидрати, масти и минерали. Мастите застапени во белката се полинезаситени и поради тоа не се штетни. Во белката нема холестерол.

Половината од составот на жолчката е вода. Една третина од неа припаѓа на мастите, а белковините во неа се 15-16%. Во жолчката се содржат и витамините А, Д и Е. За разлика од белката, во жолчката од јајцето има холестерол. Околу 2% од жолчката е холестерол, но тој не е толку опасен како што се сметаше некогаш. Најновите истражувања покажуваат дека консумирањето на едно јајце дневно од здрав возрасен човек не го зголемува ризикот од срцеви заболувања.